Национален парк Маврово
Маврово — национален парк во западна Македонија кој зазема простор од 73.088 хектари и најголем е меѓу тритенационални паркови во Македонија. Како национален парк е прогласен во 1949 година и неговата географска положба е 41°40’N и 20°46’E[1]. Во границите на паркот се опфатени планините: Кораб, Дешат, југозападните ограноци на Шар Планина, поголем дел од Бистра и северните делови на Крчин. Средишниот дел на националниот парк го зафаќа долината и сливот на реката Радика. Во склопот на националниот парк е и Мавровското вештачко езеро.
Како резултат на големата издиференцираност на релјефот, националниот парк Маврово се одликува со извонредно флористичко богатство, коешто се состои од над 1000 видови виши растенија, од кои, 38 се дрвни видови, 35 грмушки а околу шеесетина се ендемични, реликтни или ретки видови. НП Маврово претставува класично наоѓалиште за 7 растителни видови, единствено е наоѓалиште во Македонија за 12 ретки растителни видови а во границите на паркот се сретнуваат уште 33 видови растенија коишто се многу ретки во останатите делови на Македонија.Националниот парк Маврово е единствено наоѓалиште во републикава за 12 ретки растителни видови а во неговите граници се среќаваат уште 33 други видови на растенија кои се многу ретки во останатите делови од државава. Фауната на националниот парк Маврово исто така се одликува со значителна разноликост. Таа се состои од 140 видови птици, од кои, позначајни се: сивиот сокол, орелот крстач, суриот (златен) орел, шумскиот ут, големиот був,ливадската еја, степската еја, како и 11 видови водоземци, 12 видови на влечуги и 38 видови цицачи. Од цицачите најважни се:мечката, рисот, дивокозата и дивата мачка....